Меѓународна соработка преку театарот
Во чест на гостувањето на ансамблот на Националниот младински театар од Ереван, Република Ерменија, Градоначалникот Горан Петров, на 23 јули годинава, оствари средба со Хакоб Газанчјан, режисер на претставата „Нерон и Сенека“ и неговата сопруга, актерката Лариса Газанчјан. На средбата беа разменети мислења околу можностите за продлабочување на соработката со Ереван на сите полиња од општествениот живот. Со став дека природните убавини и љубезноста на велешани го потсетува на неговата татковина, режисерот Газанчјан изрази подготвеност да ја поддржи соработката помеѓу Велес и Ереван, во интерес на придобивките на граѓаните.
Тој по третпат престојува во Велес. Во рамките на фестивалот „Стоби“ 2003 , Газанчјан ја режираше претставата „Облаци“ во изведба на велешкиот Народен театар „ЈХК-Џинот“. Во театарската уметност градот Ереван е препознатлив по фестивалот посветен на Шекспир кој се одржува секоја година во септември. Велешкиот Народен театар во повеќе наврати гостуваше во Ерменија. Градоначалникот Петров изрази задоволство од досегашната соработка и подготвеност за продлабочување на соработката и на планот на фолклорот, ликовната, вајарската уметност и економскиот развој.
(23.07.2009)