Топлиот културен бран во Велес
Топлиот културен бран што под покровителство на Министерството за култура и општините цели кон обезбедување на разновидни културни содржини за граѓаните во текот на летото, годинава започна во Општина Велес. На 23 јули, во Ликовниот салон, велешани имаа можност да го проследат отворањето на изложбата на избор на слики од збирката на Центарот за култура од Струмица. Изложбата ја отвори Бранислав Пепиќ, историчар на уметност и раководител на ликовната галерија при Центарот за култура - Струмица кој изложбата ја дефинираше како универзум на мали богатства организирани на фундаментот на традиционалното, модерното и апстрактното.
Во рамките на манифестацијата, во Младинскиот парк со целовечерен концерт се претстави гудачкиот квартет „Марија“. Со концертот насловен „Вирус“, виолинистките м-р Пламенка Трајковска, Лада Петровска и Дубравка Зајкова и вилончелистот Дејан Теодосиевски ја пленија велешката публика со изведбата на популарни класични композиции од Бизе, Брамс, Бетовен, Чајковски и други. Препознатливата музика на најголемите светски композитори во меланж со модерен поп ритам на велешани им приреди незаборавна летна вечер.
(23.07.2009)