„Електра Перпетратор“ ја восхити публиката

ImageГромок и долг аплауз одекнуваше на сцената во Стоби по извонредната изведба на Роес Танцовиот театарски ансамбл од Атина, Република Грција. На 28 јули, сцената во древниот антички театар се претвори во композитен свет исполнет со максимална игра со просторот, моќна и функционална сценографија надополнета со видео проекции, игра со светлината и сенките.

 

Претставата „Електра Перпетратор“ ,во режија и кореографија на Софија Спирату ја восхити публиката. Танцовите движења, хорските елементи и музиката на славниот композитор Мајкл Нојман беа силна поддршка за извонредната актерска екипа во која актерката Еви Цаки, блесна во улогата на Електра.  Роес Танцовиот театарски ансамбл успеа преку мрачната приказна за Електра растрганата помеѓу болката, семејните трагедии и поривот за одмазда и уништување да не однесе во свет на врвна театарска естетика. За реакциите посведочија и изјавите на најистакнатите претставници на македонската театарска уметност кои со задоволство ја проследија претставата.

ImageРежисерот Слободан Унковски за медиумите изјави: „Ова е радикална и возбудлива претстава и особено сум горд што публиката одлично ја прифати“. Режисерката Софија Спирату едноставно рече: „Дојдовме овде имавме претстава. И вие ќе дојдете да гостувате во Грција со театарска претстава. Ние сме блиски луѓе, луѓе од Балканот. А уметноста не познава ниту граници ниту јазици“. Претставата се врежа како еден од најсилните блесоци на фестивалот досега. 8-то издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“ свечено ќе биде затворено на 30 јули (четврток) кога ќе бидат доделени наградите на најуспешните. Во чест на наградените Народниот Театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп ќе ја одигра претставата „Тапани во ноќта“, во режија на Мартин Кочовски.


ImageImage

ImageImage