Проект за енергетска ефикасност

Преку проект за енергетска ефикасност, училиштата ќе штедат енергија

Со потпишување на Меморандум за разбирање во Велес започна реализацијата на проектот за енергетска ефикасност финансиран од Проектот за успешна децентрализација - Фонд за добро општинско управување при Американската агенција за меѓународен развој - УСАИД.

Овој значаен проект проект го подготвија подизведувачите ТИМЕЛ ПРОЕКТ инжинеринг, Македонскиот центар за енергетска ефикасност (МАЦЕФ) и EnCon services international во рамките на Проектот за поддршка на регионалниот енергетски пазар во Југоисточна Европа-SEEREMS.

Се очекува проектот да даде видливи резултати во училиштата кои се соочуваат со проблемот на голема загуба на енергија поради застарената технологија на системите за греење и недостигот од финансиски средства.

Примарен корисник на проектот е Општина Велес под чија надлежност се училишните објекти и нивното одржување. Се очекува со реализацијата на проектот општината да заштеди 10.553 литри гориво на годишно ниво или во средства 11.052 долари годишно.

Вкупната вредност на проектот изнесува 61.333 долари. Бројот на директни корисници во двете училишта е 1642-ца ученици, 118 наставници и помошен персонал.

Се предвидува со реализацијата на Проектот за енергетска ефикасност во Општинското средно училиште „Коле Неделковски“ оперативните трошоци за одржување да се намалат за 12-20% . Предвидената заштеда на гориво во Општинското основно училиште „Јордан Хаџи Константинов - Џинот“ е 665 долари.

Искуствата од реализацијата на овој проект кој ќе вклучи замена и приспособување на делови од системите за греење како и инсталација на опрема за регулирање на температурата во училниците, ќе бидат добредојдени за решавање на проблемите со греење во училиштата како и за успешно спроведување на надлежностите на општината во сферата на образованието.