Езерото Младост го менува ликот
Со инвестиција од околу 400.000 денари, Општина Велес успеа за краток временски период да уреди дел од крајбрежниот појас на езерото Младост. Опесочување, поставување на сплав, уредување на игралиштето за одбојка на плажа, ревитализација на постоечката урбана опрема беа само дел од активностите кои придонесоа попријатно чествување на празникот Илинден. Со надеж дека овој инфраструктурен зафат им ги разубави празниците на велешани и посетителите, Градоначалникот Петров најави и нови интервенции со цел сите корисници на благодетите на езерото Младост да се чувствуваат што поубаво. На реакциите на неколкумина сопственици на камп приколки кои одбиваат да ги отстранат нивните приколки незаконски поставени на самиот брег на езерото, Градоначалникот со дециден одговор. „Ако сакаме да го уредиме крајбрежниот појас за сите граѓани, тогаш и сите треба да ги почитуваат законите“. Законските регулативи не дозволуваат поставување на камп-приколки на самиот брег на езерото. Сепак, Општина Велес и овојпат покажа флексибилност и разбирање и им овозможи на сопствениците на камп приколките да ги постават над патот. Градоначалникот напомена дека општината ќе продолжи да работи на уредување на крајбрежниот појас.