Велес во светот на науката
Младиот велешанец Стефан Стојчевски стана вистински амбасадор на Велес. На традиционалната Светска олимпијада по математика, што се одржа во Бремен, Германија, Стефан го освои бронзениот медал и со престижното трето место се вброи меѓу глобално најуспешните таленти за наука. По повод ова високо признание Градоначалникот Горан Петров оствари средба со Стефан Стојчевски. „Општина Велес се гордее и ќе се гордее со секој успех особено кога се работи за млади таленти како Стефан.
Ние се потрудивме да му помогнеме и финансиски и со нашата поддршка за промоција на неговиот успех“, рече меѓу другото градоначалникот Петров. За младиот Стојчевски ова е особено драго признание заради фактот што го доби во конкуренција на 565 учесници од 105 земји во светот. Што да се каже кога младоста навистина убаво ќе не изненади, освен да си посакаме што поголем број млади да го следат неговиот пример и да бидат гордост на Велес.