Започна битката за знаење
8174 ученици од кои 5211 во основното образование, на 1-ви септември ја започнаа новата учебна година. Во училишните згради се всели животот и надежта на наставниците, родителите и учениците дека подобрите услови за настава и спортување, предностите на компјутерската технологија и интерактивното учење ќе придонесат за многу подобри образовни резултати. Во чест на првиот училишен час Градоначалникот Горан Петров ги посети гимназијата „Кочо Рацин“, општинските основни училиште „Св. Кирил и Методиј“-Велес и „ Рајко Жинзифов“- во Горно Оризари каде 292 деца ја започнаа учебната година во нова училишна зграда.
Градоначалникот им посака на учениците жед за знаење и напредок преку книгата, нагласувајќи дека со влезот во ЕУ тие ќе бидат генерациите-носители на развојот на Македонија. Првичната оценка на Петров за стартот на учебната година е дека се одвива непречено, без поголеми проблеми. „Се работи на усогласување на техничката документација за училишната зграда во Горно Оризари, проблемите со превозот на учениците се надминати, тендерската постапка е завршена, а линиите распределени“, изјави Петров за новинарите. Тој напомена дека дистрибуцијата на бесплатните учебници се одвива со забавено темпо во однос на почетокот на учебната година, но изрази надеж дека согласно најавите на Министерството за образование и наука, до ефективниот старт на годината сите учебници ќе бидат поделени. Најголема радост и возбуда и овој први септември се читаше во очите на првачињата и нивните родители. Не случајно дворовите и влезовите во зградите осамнаа со вода во првото септемвриско утро, со една единствена порака: Нека им тргне годината на сите ученици. Нека бидат гордост на родителите, наставниците и нивниот Велес.
(01.09.2009)