Дел од велешката касарна за граѓаните

ImageМинистерот за одбрана Зоран Коњановски најави дека Општина Велес ќе добие на располагање дел од велешката касарна. За продлабочување на соработката на реалција општина – министерство Коњановски разговараше со Градоначалникот Петров во рамките на работната средба на 4-ти септември годинава. „Слушнав повеќе идеи на Градоначалникот. Разговаравме околу можноста дел од касарната која се наоѓа во центарот на градот да ја ставиме во функција на развојот на градот Велес како што тоа го правевме во другите општини во рамките на проектот на Министерството за одбрана и Владата „Старите касарни за нов развој“, изјави Коњановски за медиумите.


Во името на граѓаните на Велес, градоначалникот Петров упати јавна благодарност за можноста дел од имотот на Министерството за одбрана да се стави во функција на интересите на граѓаните. „ Направивме повеќе разговори околу тоа каде и како може општината заедно со Министерството за одбрана  да реализира одредени проекти. Она што го има Министерството за одбрана како недвижен имот, касарна и и други  објекти може и мора да се стави во функција на локалниот економски развој. Општината ќе донесе детални планови и ќе даде намена за она земјиште за кое може со министерството да се најде заедничка содржина„, изјави Петров.

Реализацијата на проекти ќе биде подолготрајна поради потребата од донесување на  детални урбанистички планови и други подлоги. На средбата со градоначалникот Министерот Коњановски разговараше и за реализација на заеднички проект за подобрување на стандардот на припадниците на АРМ. Во рамките на посетата Министерот за одбрана ги посети и Подрачната единица на министерството и Гарнизонот „Алексо Демниевски“.

(04.09.2009)