Незаборавен Ден на независноста

Image18 годишнината од независноста на Република Македонија, Велес ја одбележа со низа настани кои привлекоа голем број на граѓани и посетители. Во Градскиот парк беше отворено уредено детско катче со јунаците од приказните. Детското катче го отвори градоначалникот Горан Петров кој им порача на најмладите да ги ценат македонските вредности и да ја чуваат урбаната опрема создадена за нив.

 

ImageImage

Уреденото детско катче овозможува голем бројинтерактивни содржини за настава во природа за најмладите како и за одмор и рекреација на постарите генерации. По повод предавањето во употреба на  новиот детски простор во Велес, театарот „Крик“ од Скопје пред многубројната најмлада публика од сите основни и подрачни училишта ја одигра претставата „Штурецот,штурчето и мравката“

ImageImage

Денот на независноста во Младинскиот парк спои голем број музички жанрови и легенди на македонската музичка сцена.

Вечерта ја отворија гостите од САД, џез квартетот „Ари Роланд“. За првпат во Велес убавината на џез музиката во изведба на врвни мајстори на џезот ја почувствуваа граѓаните во преполниот амфитеатар. Овации предизвика џез верзијата на „Билјана платно белеше“ кој прозвучи како музичка свежина и подарок од срце од членовите на „Ари Роланд“. Нивниот настап во Велес го овозможи Амбасадата на САД во Република Македонија. За посветеноста во пренесувањето на културата на САД во нашата земја, Џон Срфејс, Аташе за култура во Амбасадата на САД на членовите на бендот им врачи пригодна благодарница. Срцето на луѓето, љубезноста и убавините на Македонија беа првичните впечатоци што гостите од Америка ги пренесоа на медиумите. И се разбира потврдија дека би сакале пак да настапат пред велешката публика.

ImageImage


Македонските и некогашните југословенски и странски музички незаборави како никогаш досега прозвучеа во Младинскиот Парк со умешноста на виртуозот на гитара Венко Серафимов и штипската група „Блузфејкерси“ од Штип. Едночасовниот концерт овозможи емотивно патување во моментите на младоста за многу од присутните граѓани. Серафимов покажа дека говорот на гитарата има моќ да ги освои дури и најпребирливите музички сладокусци. Не случајно настапот на гитаристот Серафимов и „Блузфејкерси“ измами песна од публиката, многу аплаузи и извици на воодушевување. Причина повеќе да го паметиме концертот како еден од највпечатливите културни настани годинава.

Image

Честитка по повод Денот на независноста на  граѓаните на Велес им упати градоначалникот Горан Петров кој изрази силна надеж во европската иднина на Република Македонија. Огнометот го најави настапот на велешките легенди групите „Триумфи“, „Лебеди“, „Кактус“, „Астор“, „Негрос“, „Ла Манш“, „Трио Сомбреро“,  актуелните групи „Соната“ и „Виртус“ како и незаборавните музичари Караколето, Оршата, Бегионот и Миле Мувата познат како велешкиот Павароти. Нивниот настап беше прва можност по долго време на едно место да се слушнат звуците на многу велешки младости. Публиката уживаше до крај на манифестацијата која продолжи и по полноќ.