Денови на македонскиот филм во Велес

ImageМагијата на фимот што цел еден век владееше во Велес, синоќа се врати во амфитеатарот во Младинскиот парк. Големото платно потсети на кината „Вардар“ и „11-ти Октомври“, особено на летната тераса и на времето кога две претстави во денот беа малку да го задоволат интересот на филмофилите.


Во соработка со Кинотека на Македонија, а во рамките на Велешкото културно лето, Општина Велес организираше Денови на македонскиот филм. Од 9-14 септември велешани ќе имаат можност да ги проследат „Мирно лето“, Исправи се Делфина“, „Балкан-кан“ и „Викенд на мртовци“. Оваа низа антологиски филмови започна со „Солунските атентатори“, како дел од чествувањето на Денот на независноста на Република Македонија.

На секоја филмска проекција и претходи документарен филм од богатата ризница на Кинотека на Македонија.

Отворањето на Деновите на Македонскиот филм го поздрави директорката на Кинотека на Македонија – г-ѓа Мими Ѓоргоска Илиевска и Градоначалникот на Општина Велес г-дин Горан Петров.

(11.09.2009)