Управувањето со отпадот приоритет за регионот

ImageВо рамките на заложбите за создавање на услови за примена на европските стандарди во областа на управувањето со комуналниот отпад, на 17 септември годинава, Соња Лепиткова, Заменик - министерка за животна средина и просторно планирање оствари средба со членовите на Советот за развој на Вардарскиот плански регион. Воспоставувањето на регионален центар за управување со отпад, можноста Вардарскиот регион да го даде тој центар под концесија или да го гради со средства од ИПА, поддршката од државата, беа дел од прашањата на средбата.

„Средби се остваруваат со сите региони. Се врши проценка за подготвеноста на регионите за отворање на регионални депонии за управување со отпад. По средбите ќе следи информација до Влада за капацитетите на регионите. Ќе се обидеме да ги отвориме сите прашања за проблемот со управувањето со комуналниот отпад“ нагласи за медиумите Лепиткова со најава дека до крајот на годинава Владата треба да распише тендер за воспоставување на вакви центри за управување со отпад во два региони во Македонија.

„Вардарскиот регион мора да знае во кој правец ќе се движи. Значи приоритет е да се најдат модалитети за управување со комуналниот отпад. Мислам дека треба да го наметнеме тоа како нова филозофија на размислување дека управувањето со отпадот не значи страшни депонии и ѓубришта како што е тоа во Македонија, туку напротив како еден технолошки процес кој што во себе обезбедува и еколошка страна, но во одреден момент со рециклирање може да обезбеди и профитабилност. За сето тоа да биде направено така како што поскаваме, потребна е студиозна подготовка“, изјави градоначалникот Горан Петров, во функција на претседател на Советот за развој на Вардарскиот плански регион. На средбата на која присуствуваа градоначалниците од деветте општини во регионот и директорот на Центарот за Развој на Вардарскиот плански регион се дискутираше и за потребите од одредување на локацијата и профилот на  субјектот што ќе управува со депонијата.

ImageImage

(17.09.2009)