60 ГОДИНИ ЖИВОТ – 35 ГОДИНИ ТВОРЕШТВО (Павлина Климкар Меанџиева)
Во организација на Општина Велес и Локалната библиотека „Гоце Делчев“ на 23 септември беа обележени двата големи јубилеја на македонската поетеса Павлина Климкар Меанџиева. Во преполниот Ликовен салон најприсутно од се беше творештвото на Меанџиева – песните од нејзините дваесет наслова. Актерката Слободанка Чичевска ги почести присутните со преубав избор од патриотска, детска и љубовна поезија, а промоторите Михаил Ренџов, Македонка Јанчевска и Радован Цветковски насликаа портрет на поетесата виден од сите агли и димензии. Личноста, карактерот, уметничкиот порив, неисцрпната енергија, длабокиот извор на љубов и пријателство беа боите вградени во оваа единствена слика на Павлина Климкар Меанџиева.
Круна на оваа поетска променада беше настапот на велешките уметнички Светлана Ташева – пијано и Веселинка Маџарова – мецосопран. Очекуваме набрзо во иста атмосвера да се случи промоција на најновото дело на Меанџиева, што веќе е подготвено за печат.