Придобивки од децентрализацијата

Велес, прва општина во Македонија што ќе делегира надлежности на здруженија на Граѓани.

На 16-тата седница Советот на Општина Велес за првпат по стартот на процесот на децентрализација во Република Македонија, усвои Одлуки со кои општината ќе делегира надлежности од областа на социјалната заштита и спортот. Усвојувањето на одлуките практично значи искористување на законските можности општината да делегира дел од своите надлежности на здруженија на граѓани.

Во периодот што следи Советот на Општината ќе ги утврди критериумите и ќе донесе Правилници за начинот и постапката за делегирање и извршување на надлежности од областа на социјалната заштита и спортот. Ова е можност здруженијата на граѓани да ги искористат сите расположиви капацитети и директно и одговорно да ги реализираат Програмите за активностите на општината во областа на социјалната заштита и спортот.

Искуствата од овој прв обид за делегирање на надлежности од ваков вид во државава ќе бидат драгоцени во понатамошниот процес на децентрализација кој ќе донесе уште поголеми надлежности за општините.

Истовремено делегирањето на надлежностите значи зајакнување на веќе воспоставената добра соработка на општината со невладиниот сектор и зголемување на транспарентноста во работењето.