Подарок за децата без родителска грижа
Во соработка со Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, Општина Велес и годинава се погрижи да им ги олесни училишните денови на децата без соодветна родителска грижа. Овојпат за децата беа обезбедени училишни чанти, тетратки и друг разновиден училишен прибор. Во присуство на претставниците на средствата за јавно информирање училишниот прибор на претставниците на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа им го предаде Градоначалникот Горан Петров.
„Општина Велес согласно програмата за социјална заштита оваа година предвидува обезбедување на учебници за децата без соодветна родителска грижа. Меѓутоа бидејќи годинава Владата обезбеди бесплатни учебници решивме овие средства да ги намениме за набавка на училишен прибор за оваа категорија на деца“, рече Петров. Во име на Центарот кој ќе се погрижи за дистрибуцијата, училишниот прибор го презеде Нада Трајкова која активноста ја оцени како потврда на успешната соработка на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа со Општина Велес. Според евиденцијата на центарот 20 деца од Велес се во категоријата на деца без соодветна родителска грижа. 7 се на возраст до IV-то одд, 9 на возраст до VIII одделение и 4 во средно образование.
(29.09.2009)