Свечено примопредавање на градот на културата
На свеченото примопредавање што се одржа во
Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, Градоначалникот на
Општина Велес, Аце Коцевски, им честиташе на кумановчани посакувајќи им
многу незаборавни моменти од интензивниот културен живот што им
претстои во рамките на манифестацијата.
Со напомена дека благодарение на манифестацијата „Велес град на културата 2005“, во Велес се случи динамичен културен живот со 255 културни содржини и покрај тоа што градот не располага со таков атрактивен центар за култура како Куманово, тој упати јавна благодарност до Министерството за култура и Министерот Благоја Стефановски за поддршката што му ја дадоа на Велес во текот на реализацијата на проектот. „Ова е пример за успешна соработка помеѓу централната и локалната власт“, рече Коцевски.
Министерот за култура, Благоја Стефановски, им посака на кумановчани успешна реализација на проектот „Град на култура 2006“. „Ако со успех проектот го реализираа Штип и Велес, ќе успее и Куманово“, рече Стефановски, кој потенцираше дека во иднина градовите во Македонија интерактивно ќе соработуваат во областа на културата. Од друга страна Градоначалникот на Општина Куманово, Зоран Дамјановски, најави голем број на манифестации и изрази надеж дека проектот успешно ќе се реализира.
Свеченото примопредавање беше одбележано со настапот на Македонската опера и балет која ја изведе претставата „Есмералда“ работена според романот „Ѕвонарот на Богородичната црква“ од Виктор Иго.