СПОРТСКИ ВЕСТИ
По повод празникот 11 Октомври, во Велес се одржаа три спортски манифестации:
1.Мала спортска Олимпијада – приказ на стари спортови
2.Турнир во борење на пеливани „Бузалково 2009“
3.Градско првенство во тенис
Мала спортска Олимпијада
На 09 октомври, на Градскиот фудбалски стадион се одржа малата спортска Олимпијада на кои беа прикажани неколку стари подзаборавени спортови. Под покровителство на Општина Велес, во организација на Пеливанскиот клуб „Пеливан“ од Велес, околу 200 учесника – ученици од обата пола од основните училишта од Велес и Бузалково ги покажаа своите вештини натпреварувајќи се во фрлање камен од раменици, скокање во далечина од место, влечење на јаже и пеливанско борење. Настанот беше збогатен со настап на КУД „Коле Неделковски“. На најдобрите поединци и екипи им беа доделени медали, дипломи и други награди.
Турнир „Бузалково 2009“
На 10 Октомври, во селото Бузалково се одржа петтиот по ред турнир во борење на пеливани „Бузалково 2009“.На настанот во организација на Општина Велес и месната заедница на Бузалково, настапија околу педесетина борачи – пеливани почнувајќи од најмладите па до оние возрасните „баш пеливани“.
Беа прикажани многу возбудливи и неизвесни, изедначени и интересни борби.
Победници на овогодишниот турнир се:
Во четврта рака: Сунел Имери, Суад Бајрами и Фикрет Демири
Во трета рака: Имери Орхан и Самир Ибраими од Прилеп
Во втора рака првото место го поделија Рамазан Бакија од Бузалково и Сабид Бакиовски од Велес.
Во прва рака исто така првото место го поделија Амид Баки и Асан Камбери и двајцата од Бузалково.
На најдобрите поединци, покрај дипломи и благодарници, Градоначалникот на Општина Велес Горан Петров и Претседателот на месната заедница на Бузалково Максут Бакиовски им доделија и парични награди.
Градско првенство во тенис
На отворените спортски терени кај Општинското основно училиште „Блаже Конески“ се одржа првото првенство на Велес во тенис. На првенството насочено кон промоција на тенискиот спорт учествуваа 8 натпреварувачи во младинска и 14 во сениорска конкуренција. И оваа спортска манифестација беше поддржана од Општина Велес, а ја организирааа група граѓани – ентузијасти на тенискиот спорт кои веќе оформија и иницијативен одбор за основање на тениски клуб кој наскоро и официјално ќе заживее. Во младинска конкуренција победник е Љупче Црвенпанов кој во финалето го победи својот противник Славчо Казаков. Во сениорска конкуренција победи Зафиров Ѓоре кој стана и првак на Велес за 2009 година со победата над Петар Брашнаров во финалето. Општина Велес обезбеди награди за победниците. Наградите ги додели Славчо Чадиев, претседател на Советот на Општина Велес.