Примена на нови технологии во регионалниот развој
Управувањето со цврст комунален отпад, третманот на отпадни води, геоинформатичките системи и проектите за регионален туризам беа теми на работилниците што во организација на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, УНДП и Општина Велес се одржаа на 15-ти октомври годинава. Претставници на литванската компанија Traidenis која располага со современа технологија и Полската фирма Profutura како застапник на технологијата за Централна и Југоисточна Европа, ги презентираа потенцијалите на технологијата пред градоначалниците, членови на Советот за развој на Вардарскиот плански регион.
„Се работи за една исклучително економична технологија од една страна и мошне ефтина од друга страна.Особено е значајно што компаниите доаѓаат од регион со многу сличности“, изјави за медиумите Александар Бузалков, раководител на Вардарскиот плански регион. Во рамките на работилниците компанијата GISDATA ги претстави потенцијалите на GIS технологијата, а компанијата IDEA OK проектните апликации за развој на алтернативен и регионален туризам. Работилниците се одржаа во рамките на заложбите за имплементација на Програмата за развој на Вардарскиот плански регион преку реализација на конкретни регионални проекти.
(15.10.2009)