Правниот факултет во општинската зграда
Правниот факултет „Јустинијан Први“ и Општина Велес најдоа решение на просторните проблеми за одвивање на наставата на дисперзираните студии во Велес. До изнаоѓање на конечно решение, предавањата ќе се одвиваат во големата сала на Општина Велес. На првото предавање одржано на 19-ти октомври годинава, Градоначалникот Горан Петров ги поздрави студентите и им посака успешна академска година. „Ова е иницијатива која што е стара две години. Првата идеја била доколку не се обезбедат просторни услови, студентите да се сместат во големата сала на Општина Велес. Во меѓувреме направени се обиди да се најдат соодветни простории. Во тоа не се успеало и денеска наставата на дисперзираните студии на Правниот факултет започнува во Општина Велес.
Тоа значи дека во прво време додека не се решат просторните услови, Општина Велес ќе им биде домаќин на студентите на правниот факултет“, изјави за медиумите Градоначалникот Горан Петров кој смета дека одвивањето на наставата нема да биде пречка во секојдневната работа на општината. Проф. д-р Тодор Каламатиев, продекан за настава изрази задоволство за почетокот на наставата во Велес. „Веќе 2 години имаме процес на запишување на студенти за кои наставата треба да се одвива во Велес. Наставата и науката не трпат импровизации. Едноставно баравме услови за работа. Општината тоа ни го овозможи и започнавме со настава“. Студентите од втора година наставата ќе продолжат да ја следат во Скопје. На дисперзираните студии на Правниот факултет се запишани 80 студенти.
(19.10.2009)