Поддршка за правниот факултет во Велес
Владата на Република Македонија ги поддржа напорите на Општина Велес за одвивање на наставата на дисперзираните студии од Правниот факултет во просториите на општината. На средбата со деканатот и студентите во Велес, на 22 октомври годинава, премиерот Никола Груевски напомена дека отворањето на студиите на правниот факултет во Велес е во рамките на генералната политика на владата за приближување на високото образование до секој студент и до секое поголемо населено место во државата.
„Овие дисперзирани студии и запишаните 83 студенти на правниот факултет се најдобар доказ за успехот на проектот“ рече премиерот кој ја потенцираше поддршката на Општина Велес со обезбедувањето на простор за настава. Тој најави дека Владата, Министерството за образование и Правниот факултет ќе работат заеднички на изнаоѓање на трајно решение. Министерот за образование и наука Никола Тодоров потенцираше дека владата и министерството ќе продолжат да вложуваат во високото образование но, „истовремено ќе сметаат на интелектуалните и професионалните вештини од сите области“. Градоначалникот Горан Петров за медиумите уште еднаш ја потврди заложбата на општина Велес за изнаоѓање на трајно решение на просторните проблеми. Оваа тема беше предмет на средбата што Градоначалникот ја оствари со Министерот за образование.
(22.10.2009)