Општините и европските перспективи

ImageВо организација на Министерството за локална самоуправа и Општина Велес, на 27-ми октомври годинава, во просториите на општината се одржа трибина посветена на улогата на општините и регионите во пристапувањето кон ЕУ. Присутните на трибината имаа можност да разговараат за повеќе отворени прашања со Министерот за локална самоуправа Муса Џафери, Градоначалникот Горан Петров и претставникот на Бирото за регионален развој, Кире Левевски. „Свесни сме дека средствата од ИПА се отворена можност за сите нас да го унапредиме животот во локалните заедници, но и практично да го искусиме начинот на кој функционира финансирањето на проекти во Европската Унија.

Институциите, здруженијата на граѓани, малите и средни претпријатија можат да го пронајдат својот интерес и својата развојна перспектива во ИПА,“рече во своето поздравно обраќање Градоначалникот Горан Петров. Министерот Џафери ги потенцираше заложбите на владата и министерството за поттикнување на евроинтеграциите на локално и регионално ниво. Оценувајќи дека „Општина Велес е лидер во спроведувањето на реформите во локалната самоуправа“, тој потенцираше дека „Општината е инкубатор на идеи и поттикнувач на развојот“. Министерот ги информираше присутните за измените на законската регулатива во однос на градежното земјиште што ќе придонесе градежното земјиште за објектите за чија изградба одобрение издава општината да се пренесе под надлежност на општината. Тоа ќе овоможи сите постапки да се добиваат на едно место и да се привлечат домашни и странски инвеститори. Министерот потенцираше дека за Велес од особена важност е коридорот 10 и транзитниот туризам. Кире Левевски, претставник на Бирото за регионален развој ги информираше присутните за постапката за аплицирање на регионални проекти. До Бирото се доставени 144 апликации од кои 54 се проекти за регионален развој. Два од нив поднел Центарот за развој на Вардарскиот регион.

Присутните на трибината покажаа особен интерес околу можностите за финансирање на проекти на здруженија на граѓани од фондовите на ЕУ. Граѓаните пројавија интерес за алтернативните енергии, руралниот туризам, третманот на отпадот и отпадните води како  и искористувањето на потенцијалите на реката Вардар.

ImageImage