Полуинтензивна нега на детското одделение
Детското одделение при ЈЗУ Велес доби на подарок соба за полуинтензивна нега опремена по европски стандарди. Ова претставува проект на Здружението на родители на деца заболени од церебрална парализа, реализиран со целосна финансиска поддршка на Амбасадата на Република Германија во република Македонија.
На свеченото предавање во употреба на собата за полуинтензивна нега присуствуваа претставници на Амбасадата на Република Германија, претставници на ГТЗ – посредници за реализирање на проектот, членови на Здружението на родители на деца заболени од церебрална парализа, претставници од Општина Велес и Општина болница. Сите присутни изразија задоволство од крајниот ефект постигнат со реализирањето на проектот.
Во своето обраќање Градоначалникот на Општина Велес, г-дин Горан Петров изрази благодарност до сите учесници во проектот. Ја истакна заложбата за најосетливата категорија пациенти - децата континуирано да се создаваат услови за што попријатен престој во болницата со желба што помалку деца да имаат потреба да ги користат услугите на болницата, а на оние што мора да ги отворат овие врати, претстојот во болницата да им биде колку е можно попријатен и побезболен.
(05.11.2009)