Симон Трпчески ги восхити велешани
Во рамките на македонската турнеја, пијанистот со светско реноме Симон Трпчески настапи во Велес. Концертот во организација на ЗГ „Културоп“ и „Еми класикс“ се случи на 8-ми ноември во салата „Бели Мугри“ како дел од одбележувањето на 65 години од ослободувањето на Велес. Хајдн, Моцарт, Шопен и наполитански композитори беа дел од програмата на Трпчески кој на велешани им подари и извонредна премиерна изведба на композиции од Панде Шахов, македонски композитор што живее и работи во Англија.
Композициите инспирирани од македонскиот изворен мелос и староградската песна ги восхитија присутните, особено изведбата на велешката Сербез Донка. Посебно изненадување на концертот беше настапот на велешките млади уметници, пијанистот Антоние Арангеловиќ и виолинистката Фросина Богдановска кои покажаа дека се таленти со капацитет да ги освојат сите музички простори. На прес конференцијата пред настапот Трпчески изрази задоволство од можноста да настапи во „Еден град каде културата, па и уметноста има традиција“. Градоначалникот Горан Петров на средбата со новинарите изјави дека концерот на Трпчески е подарок за велешани по повод Денот на Општина Велес. Концертот беше поддржан од Министерството за култура и Општина Велес.
(08.11.2009)