Свечена седница по повод 9–ти Ноември
По повод 65 годишнината од ослободувањето и прославата на Денот на Општина Велес, на 9-ти ноември годинава, во салата „Бели Мугри“ се одржа свечена седница на Советот на општина Велес. На седницата присуствуваа истакнати личности од јавниот живот во Велес и Македонија, претставници на меѓународната заедница, АРМ, МПЦ и гости од збратимените градови Свиштов и Самобор. Во своето обраќање по повод празникот, Градоначалникот Горан Петров ги презентираше визиите за развој на Велес, им упати благодарност на борците од НОВ и им го честиташе празникот на граѓаните.
“Претстојната изградба на коридорот 10, е нашиот најголем предизвик. Да го претвориме Велес во центар на транзитниот туризам. Да ги сплотиме силите и знаењето и да умееме да го привлечеме интересот на секој намерник што транзитира низ Македонија. Визијата за тој Велес е реално остварлива“, рече меѓу другото Градоначалникот. На седницата, Градоначалникот Горан Петров и претседателот на Советот Славчо Чадиев им ги врачија деветоноемвриските награди и признанија на овогодинешните добитници:
Пофалница
- Славјанка Љуткова – поетеса
- Јорданчо Бајрактаров – извидник
- Киро Атанасов – спортски работник
- Јордан Маневски – естраден уметник
- Стрип центар на Македонија
- Центар за боречки спортови „Бушидо“
Благодарница
- Лила Арсова и учениците од III одделение од ООУ „Рајко Жинзифов“- Г.Оризари
- Златко Панчевски – член на Совет на Општина Велес
Спомен плакета 9-ти Ноември
- Државен архив на РМ – Одделение Велес
- Одделение за трансфузиологија при ЈЗУ Општа болница Велес
- Димче Бегинов – Бегин, естраден уметник
Награда за најстудент „Проф.д-р Ѓорѓи Шоптрајанов“ за 2009 година:
- Бранкица Станковска, студент на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Наградата за животно дело „Гемиџии“ за 2009 година му беше доделена на
- Борис Поп – Ѓорчев, новинар кој во својот професионален живот напиша 20.000 текстови посветени на Велес.
Во чест на добитниците, на свеченоста настапи гудачкиот квартет „Марија“ од Скопје
(09.11.2009)