Во Велес пошумени 30 хектари

ImageВо рамките на четвртата акција „Ден на дрвото“ што на 13-ти ноември годинава се одржа на целата територија на државата, во Велес беа засадени 60.000 млади садници од багрем и јасен. Се пошумуваше на две локации: во месноста „Умин дол“ во близина на езерото Младост и на локалитетот Вршник во близина на фабриката за вода. Во акцијата учествуваа 1650 граѓани, меѓу кои 150 припадници на АРМ, ученици од основните и средните училишта, вработени во локалната самоуправа и државните органи како и лица вработени во приватни компании.


На подрачјето на општината акцијата со свое учество ја поддржаа и студентите и вработените на дисперзираните студии на Технолошко-техничкиот факултет, Општинската организација на Црвен крст, здруженија на граѓани, преставници на медиумите и др. Млади садници засади и Градоначалникот Горан Петров како и членовите на Советот на Општина Велес. „Ако по утрото се познава денот, тогаш верувам дека акцијата ќе биде повеќе од успешна. Ова што денеска го правиме е за идните генерации и верувам дека во наредниот период ќе имаме уште многу вакви заеднички акции“, изјави  Градоначалникот за медиумите. Масовноста на велешани придонесе акцијата да  заврши во рекордно време. Веќе во 9 часот локалитетот „Умин дол“ беше пошумен. Акцијата заврши во 12 часот со пошумување на дополнителни 15 хектари на Вршник.

ImageImage

ImageImage

(13.11.2009)