Сашко Најдов најсреќен на Водици
Сашко Најдов беше најсреќен од педесетмината кандидати кои годинава се флија во Водите на Вардар во потрага по светиот крст. Традиционално големиот христијански празник Богојавление – Водици на бреговите на Вардар собра голем број граѓани. 21 годишниот Сашко Најдов успеа најбрзо од сите да дојде до светиот крст што Митрополитот на Повардарската Епархија г. Агатангел го фрли во водите на Вардар. На светиот чин присуствуваше и Министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска, Градоначалникот Горан Петров и претседателот на Советот на Општината, Славчо Чадиев.
Веднаш по фаќањето на светиот крст во водите на Вардар, Сашко Најдов изјави дека очекува оваа година да му донесе среќа, здравје и бериќет. Во името на Општина Велес, Градоначалникот Петров, на Сашко Најдов му подари DVD player. Тој доби подароци и од Повардарската Епархија, ЈКП „Дервен“ и неколку фирми од Велес. Православните христијани на празникот Богојавление-Водици го одбележуваат чинот на крштевањето на Исус Христос во водите на светата река Јордан. И годинава, фрлањето на светиот крст се организираше во сите градови во Македонија.