Проект за оценување на децентрализацијата

Со поддршка од проектот Техничка помош за имплементација и координација на процесот на децентрализација, финансиран од Европската Унија и раководен од Европската агенција за реконструкција, во Општина Велес стартува проект за оценување на трансферот на надлежности во процесот на децентрализација.Во реализацијата на проектот се вклучени Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС.

Преку воспоставување на Програма за мерење на работењето и систем за евалуација, проектот ќе овозможи следење на сите аспекти од трансферот на надлежностите од централно на локално ниво.

Општина Велес е една од четирите општини во Република Македонија кои работната група за децентрализација ги избра за реализација на овој проект. Проектните активности ќе се одвиваат со експертска помош од консултантската куќа LDK Consultants од Грција. Станува збор за систем кој на општините Велес, Карпош, Тетово и Охрид ќе им овозможи да вршат континуирана проценка на процесот на децентрализација, да ги идентификуваат слабостите и проблемите и да ги утврдуваат приоритетите со цел да им овозможат што подобри услуги на граѓаните.

Според досегашните искуства, системот имплементиран во повеќе европски држави се покажал како корисен инструмент во развојот на општините во вистински сервис на граѓаните.