Долгорочно задолжување во јавен интерес

Совет на Општина ВелесНа седницата одржана на 22 јануари годинава, Советот на Општина Велес донесе Нацрт-одлука за долгорочно задолжување на општината преку проектот на Светска Банка за подобрување на општинските услуги. Максималниот износ на задолжувањето изнесува 90.000.000 денари. Средствата ќе се искористат за реализација на капитални инвестиции: проект за подобрување на енергетската ефикасност на уличното осветлување преку замена на постоечките со економични светилки и проект за водоснабдување на Езерото Младост од градскиот водоводен систем. Задолжувањето ќе се реализира согласно Законот за задолжување на Република Македонија кај Светска Банка за реализација на проектот за подобрување на општинските услуги.

Кредитот ќе се отплаќа 9 години со грејс период до  3 години од денот на задолжувањето. Годишното отплаќање на долгот нема да биде поголемо од 30% од вкупните приходи на тековно-оперативниот буџет на општината од претходната година во годината на задолжувањето. Каматната стапка ќе биде утврдена врз основа на условите во моментот на потпишување на договорот за долгорочно кредитирање. Со позитивни финансиски извештаи и без долгови, Општина Велес ги исполнува условите за долгорочно задолжување.