Папрадишки – скриени вредности

Димитар Андонов ПапрадишкиПреполниот ликовен салон, на 8-ми февруари годинава го потврди значењето на последниот зограф и основоположникот на современата ликовна уметност Димитар Андонов Папрадишки. Помеѓу 40-те изложени дела, велешани имаа можност за првпат да ги видат и оние што досега беа далеку од очите на јавноста, во приватни колекции на наследниците на уметникот. По повод 150 години од раѓањето на Папрадишки изложбата ја организираа Министерството за култура, Народниот Музеј Велес, Националната галерија на Македонија и Општина Велес.

„ Министерството ќе направи напори ова многу значајно творештво да го внесе во програмите со кои државава ќе го промовира македонското културно творештво и во странство“ рече Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска која потенцираше дека веројатно министерството позитивно би одлучило на барањето на Народниот Музеј – Велес за отворање на трајна поставка на Папрадишки. „Велес, Македонија и светот ја имаат таа среќа преку творечкиот опус на Папрадишки да ја видат сликата на животот на едно време и засекогаш да го сочуваат тој историски фрагмент за идните генерации“, рече градоначалникот Горан Петров на свеченото отворање на изложбата. Иконите како препознатлив дел од творештвото на , но и профаното сликарство го привлекоа интересот на присутните.  Маја Крстевска, директор на Националната Галерија упати јавна благодарност до наследниците на Папрадишки за нивната добра воља да ги вклучат уметничките дела од приватната колекција во оваа значајна изложба. Со своето плодно творештво што траеше повеќе од 80 години, Димитрија Андонов Папрадишки стана најмаркантна фигура на современата македонска ликовна уметност и имаше големо влијание на развојот на новите генерации уметници.