Велес доби кредитен рејтинг
На 11-ти февруари годинава, Општините Велес и Струмица станаа први во Македонија што добија кредитен рејтинг. Престижната меѓународна агенција Мудис ги оцени со Б1, (стабилен изглед). За првпат во историјата на општината, Велес се најде на финансиската мапа на светот и се отвори кон потенцијалните инвеститори. Двете општини го добија кредитниот рејтинг во рамките на пилот проектот на Американската агенција за меѓународен развој-УСАИД и Македонскиот центар за финансиска обука. На прес конефернцијата на која го презентираше кредитниот рејтинг на општината, Градоначалникот Горан Петров нагласи дека со ова Велес се легитимира како стабилна општина на финансискиот пазар. Кредитниот рејтинг на Велес како општина без долгови и со добробро финансиско управување го зајакна кредибилитетот на општината пред домашните и странските инвеститори и овозможи пристап на општината до долгорочно финансирање за реализација на капитални инвестиции. На прес конференцијата Градоначалникот Петров нагласи дека Велес покажа највисока оценка и во Мерењето на индексот на капацитет на општините што и во 2009, го спроведе УСАИД. Во услови кога оценките на општините во 5 области на надлежност, се движат од 8-78 поени од можните 100, а просечната оценка на македонските општини е 34,46 поени, Велес доби 78 поени. „Во две независни мерења Велес покажа високи резултати“, рече Петров.
Тој упати благодарност до сите поединци што придонесоа за резултатите и ги повика граѓаните со своето активно учество, креативноста и идеите да ги искористат овие потенцијали за динамичен развој на Велес.