ХУМАНОСТ ВО ТРАДИЦИЈАТА: Велешка пастрмајлија – Питијада 2010

 Велешка пастрмајлија – Питијада 2010На 13-ти февруари годинава, во организација на Општина Велес, во Ресторанот „Снупи“ се одржа шестото издание на манифестацијата „Велешка пастрмајлија – Питијада 2010“. 20 угостители и 9 винарии од Вардарскиот регион ги претставија своите производи што и овојпат можеа да се купат по симболична цена. Ресторанот „Снупи“ беше претесен за сите љубители на велешкиот зимски специјалитет и доброто вино. Годинава традиционалната манифестација ја посетија Амбасадорот на САД, Филип т. Рикер и Амбасадорот на Република Полска, Дариуш Карол Бахура кои изразија задоволство од посетеноста на манифестацијата и понудените специјалитети.

Градоначалникот Горан Петров најави дека очигледниот интерес на велешани и граѓаните од Вардарскиот регион и пошироко е повод, питијадата во иднина да прерасне во помасовна манифестација која ќе се организира на поголем простор. Тој им додели благодарници на сите учесници на манифестацијата. И годинава „Велешката пастрамајлија“ имаше хуманитарен карактер. Собраните средства во висина од 87.000 денари се наменети за помош на четирите велешки семејства  чија куќа неодамна ја уништи пожар. Манифестацијата беше збогатена со културно-уметничка програма во чии рамки настапија „Велешката чалгија“, „Распеани Велешани“, Градскиот црковен хор „Св. Пантелејмон“ и групата „Виртус“.