Јавна расправа на тема задолжување

Јавна расправа за задолжувањеВо организација на Општина Велес, на 22 февруари годинава, во просториите на Општината се одржа јавна расправа на тема: Задолжување на општината за реализација на капитални проекти. Интерес за развојните перспективи на Велес покажаа членови на Советот на општината, урбани и месни заедници, невладини организации и медиуми.  Градоначалникот Горан Петров пред присутните ги претстави предложените проекти за задолжување на Општина Велес: Поврзување на езерото младост со градскиот водоснабдителен систем „што ќе ја обезбеди потребната инфраструктура за урбанизација и инвестиции во крајбрежниот појас на езерото и конкретно, ќе обезбеди чиста вода за  пиење за населените места Башино село, Отовица, населба Младост, урбани блокови 1 и 2, еден хотел, неколку мотели, авто камп и др.“

Вкупната инвестиција изнесува 38 милиони денари. Какко што потенцираше Градоначалникот анализите покажале дека со 65% изграденост од вкупно предвидените објекти во буџетот ќе се слеат над 306 милиони денари што ќе обезбеди поврат на средствата, а заокружувањето на инфраструктурата ќе придонесе езерото да се развие во центар на транзитниот туризам во Македонија. Вториот предложен проект се однесува на реконструкција на јавното осветлување со замена на постоечките 3626 живини светилки од 125 W со нови 3510 светилки со натриумова сијалица со што ќе се добие поквалитетно јавно осветлување и ќе се намали потрошувачката на електрична енергија до 60%.

Присутните на јавната расправа ги поддржаа заложбите на Општината да ги искористи добрите резултати во финансиското управување и за првпат да ја искористи можноста за долгорочно задолжување кај Светска Банка за реализација на проекти од интерес за граѓаните на Велес.