200 години Шопен - незаборавен концерт во Велес
Во организација на Амбасадата на Република Полска и Општина Велес, на 24 февруари, во салата „Бели мугри“ беа одбележани 200 години од раѓањето на големиот композитор Фредерик Шопен. Во своето обраќање пред велешани, Карол Бахура, Амбасадор на Република Полска во Македонија го потенцираше значењето на големиот композитор како граѓанин на светот кој стана вечен со својата музика. Музиката на Шопен доаѓа од срцето, затоа ја разбираат сите луѓе на сите меридијани“, рече Бахура.
Во чест на Шопен, со целевечерен концерт на делата на големиот композитор настапија дуото „Талија: Пламенка Трајковска- виолина и Билјана Петровска - пијано,како и велешкиот пијанист Антоније Арангеловиќ. Младите музичари ја воодушевија публиката во преполната сала создавајќи незаборавна атмосфера со звуците на Шопен. Во изјавата за медиумите, Градоначалникот Горан Петров изрази задоволство од концертот кој ги привлече љубителите на класичната музика во Велес како и од соработката со Република Полска што се развива преку заеднички активности со Амбасадата на Република Полска и заложбите за воспоставување на пријателство и збратимување со градовите Олесница и Новогард. Со концертот што долго ќе се памети, Општина Велес се вклучи во глобалното одбележување на големиот јубилеј 200 години од раѓањето на Шопен што во Македонија го организира Амбасадата на Република Полска.