Честитка и хуманост од Градоначалникот по повод Меѓународниот ден на жената
По повод 8-ми март, Меѓународен ден на жената, Градоначалникот Горан Петров преку средствата за јавно информирање упати честитка до припадничките на понежниот пол во Општина Велес. „Со поголемото присуство на жената во општествениот живот, во сите нивоа на власт, во бизнисот, судството, здравството, образованието, производството, невладиниот сектор, говори за способноста, издржливоста, инвентивноста,креативноста и упорноста на жените“, рече Петров. Наместо прием и цветови за жените од сите области на општествениот живот во локалната заедница, Градоначалникот годинава одлучи празникот да се одбележи со доделување на средства за помош на жени кои се наоѓаат во незавидна социјална состојба.
Жените без семејство, самохраните мајки и други категории на жени утврдени во соработка со Центарот за социјална работа годинава беа во фокусот на празникот. Општина Велес на 3 од нив им додели помош во износ од по 6000 денари.