Велешките гимназијалци учеа за ЕУ
Во рамките на шестата фаза од проектот „Учиме за ЕУ“ што ја спроведува Секретаријатот за европски прашања, на 8-ми март годинава во СОУ Гимназија „Кочо Рацин“ учениците од трета и четврта година имаа можност да слушнат подетални информации за европерспективите на Македонија. На средбата со Учениците присуствуваше Амбасадорот Ерван Фуере, Шеф на Делегацијата на ЕУ во Република Македонија кој на младите Велешани им порача дека на Македонија и се најпотребни визионери и лидери. Посочувајќи го примерот на неговата родна земја Ирска која пред влезот во ЕУ се соочуваше со големи економски проблеми, Амбасадорот ја нагласи потребата од реформски процеси. „Владеењето на правната држава, политичкиот дијалог, слободната економија и пазарот на труд се дел од критериумите што Македонија треба да ги исполни“, рече Фуере нагласувајќи дека Македонија постигнала доста на планот на евроинтегранциите, но дека пред неа се уште многу предизвици.
Министерот за правда Михајло Маневски, како претставник на Владата на Република Македонија, на учениците им порача дека Владата реализира голем број активности за забрзување на процесот на евроинтеграции и информирањето на граѓаните за Европската Унија. Тој ги посочи „Леонардо да Винчи“, „Еразмус мундус“, „Млади во Акција“ и другите програми на ЕУ „во кој младите можат да ги реализираат своите креативни идеи и проектни активности“. На часот за ЕУ, Градоначалникот Горан Петров ги потенцираше заложбите на Општина Велес за интензивирање на евроинтегративните процеси на локално ниво. „Денес учите во ученичките клупи, утре верувајте, ќе учите секојдневно преку Вашата работа и ќе имате шанса да придонесете за развојот на Република Македонија како држава со многу вредности, предности и специфичен културен идентитет“ им порача Петров на учениците. На часот постветен на евроинтеграциите, учениците имаа можност да разговараат со своите гости по повеќе прашања од интерес за младите во Македонија. Проектот „Учиме за ЕУ“ веќе трета година се спроведува во повеќе градови во државата.