ПРЕСТАНИ ПРЕД ДА ПОЧНЕШ

После одредени согледувања и анкетирања на учениците од Гимназијата Кочо Рацин во Велес  се утврди дека младите се доста заинтересирани да бидат дополнително едуцирани и запознати во повеќе области меѓу кои проблемот со дрогата, нејзиното штетно влијание и превентивното дејствување. Оваа тема е одредена како високо приоритетна од страна на учениците и токму со таа цел Гимназијата Кочо Рацин во соработка со Фондацијата Марита Македонија во салата на Општина Велес оддржа трибина – превенција од дрога.

Присутните ученици и професори од Гимназијата ги поздрави и г-дин Славчо Чадиев, претседавач со Советот на Општина Велес, кој аудиториумот го запозна со активностите кои ги превзема Општината на ова поле и го поздрави ваквиот ангажман на образовните институции за превентивно дејствување меѓу младите.

Во трибината главниот дел беше концентриран на предавање од страна на Д-р Валентина Влаисавјевиќ –претставник на центарот за рехабилитација Тин Челинџ Македонија и едукаторот на Фондацијата Марита, Емил Пуздерлиски кој со учениците од Гимназијата го сподели своето негативно животно искуство со дрогата.

Уникатноста на програмата на Фондацијата Марита е во тоа што едукаторите се поранешни зависници од дрога но сега променети луѓе со целосно отстранета физичка и психичка зависност, но и едни од ретките кои успеале да извојуваат ослободување од дрогата. И токму преку такво животно сведоштво до младите беше упатена порака на предупредување дека дрогата не е избор, дека животот нуди низа можности и споделување на пораката Престани пред да почнеш.

Програмата на Фондацијата Марита е Норвешка програма за превенција од дрога која се реализира во повеќе држави и во Македонија . До сега во Македонија се оддржани повеќе од 320 превенции во 36 општини каде 35 700 ученици го слушнале предавањето Престани пред да почнеш.

Во оддржаната трибина од страна на Гимназијата во соработка со Фондацијата Марита во Општина Велес свој допринос во однос на информации и корисни совети за учениците даде и Началникот на одделението за превенција при МВР – СВР Велес, Ненко Александров, а учениците од Гимназијата имаа можност преку сопствени прашања да бидат интерактивно инволвирани во трибината и да постанат промотори на позитивен имиџ кај младите свои врсници.

Овие трибини на Гимназијата Кочо Рацин од Велес во соработка со Фондацијата Марита ќе продолжат и со учениците од другите години и ќе претставуваат продолжување на редовниот ангажман на Гимназијата во превентивното дејствување кај учениците и нивно запознавање со штетноста на дрогата, активности во кои Гимназијата останува редовно инволвирана.