Амбасадорот на Република Србија го посети Велес
Томислав Ѓурин, Амбасадор на Република Србија во Република Македонија, на 26-ти март годинава остари работна посета на Општина Велес. Во рамките на Посетата, Амбасадорот Ѓурин и г-ѓа Драгица Јаниќ, советнк за конзуларни прашања, разговараа со градоначалникот Горан Петров и претседателот на Советот, Славчо Чадиев за повеќе прашања од интерес за билатералната соработка на локално и регионално ниво. „Мислам дека Општина Велес е еден од нашите приоритети, бидејќи се наоѓа во непосредна близина на сообраќајницата што излегува на Средоземно море и таа е неизоставна дестинација не само од аспект на туризмот туку и во областа на индустријата и многу други области.
Со господинот Петров разговараме на оваа тема и веќе најдовме некои заеднички точки каде конкретно можеме да соработуваме со Општина Велес. Веднаш забележав дека се работи за општина на уметници, општина со долга културна традиција. Се запознав и со културните традиционални манифестации во кои Република Србија ќе учествува со свои уметници“, изјави Амбасадорот за медиумите. Во пораката до јавноста, Амбасадорот Ѓурин ги пренесе и плановите за конкретни инвестиции.
„Република Србија е заинтересирана да инвестира во Македонија и јас веќе го известив градоначалникот Петров дека не интересираат стратешки објекти, инфраструктурни објекти, па дури и бензински пумпи што би го поткрепил со податокот дека минатата година низ Македонија поминале еден милион српски туристи“, рече Амбасадорот. „Со Амбасадорот разговараме како да се продлабочи соработката во областа на транзитниот туризам и економијата и на ниво на општина, но и на ниво на регион, затоа што Велес како седиште на Вардарскиот плански регион може да оствари соработка со региони во Република Србија и на тој начин многу поконкретно да ги приближиме вредностите и на Велес, но и на градовите од Република Србија за да можат заеднички да настапуваат. За мене е исклучително важно што Амбасадата на Република Србија прифати да биде на еден начин, мост помеѓу овие активности“, изјави градоначалникот Горан Петров.
На средбата со медиумите Амбасадорот на Република Србија најави активно учество на професионалните кадри на амбасадата во продлабочувањето на соработката во сите области. Тој потенцираше дека на Амбасадата и е можне важно Република Македонија да биде стабилна и просперитетна бидејќи тоа е во интерес на Република Србија. „Постојат проблеми кои произлегоа од признавањето на Косово, но тоа се проблеми кои можат да се надминат. Особено важна област на соработка е помеѓу министерствата за внатрешни работи на планот на сузбивањето на криминалот, на планот на пролиферацијата на воени технологии, трговија со луѓе, наркотици и тн. бидејќи безбедноста на регионот е еден од условите за нашиот заеднички напредок. Релаксацијата и олеснувањето на протокот на стоки, на меѓудржавниот граничен појас во рамките на Европските стандарди многу бргу ќе стане реалност“ рече Амбасадорот Ѓурин кој оцени дека соработката во областа на туризмот е сеуште слаба и дека српските туристи допрва ја осознаваат Македонија. По ова прва посета, Амбасадорот најави дека има желба и во иднина да го посетува Велес и да се запознае со сите потенцијали на општината.