Изложба на Миле Манчевски - 25 години карикатура
Ведрата страна на животот дури и кога е исполнет со проблеми и нелогичности е светот што веќе 25 години велешанецот Миле Манчевски го отсликува преку своите карикатури. На 31 март годинава, во Ликовниот салон беше отворена изложба на карикатурите на Манчевски. „Во овие времиња, невремиња, навистина има материјал за работа. Положбата и улогата, особено третманот на карикатурата, за жал е на тоа ниво што имаме премалку карикатуристи“, изјави Манчевски за медиумите. Препознатлив по специфичните социјални карикатури уметникот што создава под псевдонимот Милман, во своите карикатури го внесува обичниот човек и неговата вечна борба со животните проблеми.
За сатиричарот Васил Толевски, Манчевски е еден од тројцата најдобри македонски карикатуристи, еден од ретките автори што го третира секојдневието. „Сите оние наши мали заблуди, лични и колективни, Миле успева да ги претвори во наша насмевка“, вели Толевски. Изложбата на Манчевски предизвика голем интерес не само кај велешани, туку и кај љубителите на карикатурата од повеќе градови од Македонија. Изложбата ја отвори Славчо Чадиев, претседател на Советот на Општина Велес кој го нагласи придонесот на Манчевски за Велес. „ Му благодарам на Манчевски што е амбасадор на културата и афирматор на својот град ширум светот“, рече Чадиев.
Карикатурите на Манчевски досега се презентирани во Канада, Јапонија, Куба, земјите на Балканот и многу други земји во светот. Љубителите на карикатурата изложбата ќе можат да ја видат во наредните десетина дена во Ликовниот салон.