Градежното земјиште - генератор на локалниот економски развој

Работилница USAIDИзмените на законската регулатива за управување со градежното земјиште во насока на зајакнување на децентрализацијата, ја поттикнаа Американската агенција за меѓународен развој УСАИД да започне пилот проект за воведување на база на податоци за евиденција и категоризација на градежното земјиште кое од 1-ви јануари 2011 година треба да им биде преотстапено на управување на општините. Софтверот за првпат беше презентиран пред градоначалниците и службениците од општините Велес, Охрид, Прилеп, Студеничани и Сопиште на работилница што на 8-ми април годинава се одржа во Општина Велес.

 „Во насока на законските измени кои веќе се во тек сакаме како УСАИД – Програма за локална самоуправа да им помогнеме на неколку градски и рурални пилот општини да можат да го евидентираат земјиштето со кое треба да управуваат и да бидат двигател на економскиот раст и развој во своите општини“ – изјави за медиумите Розалија Василевска, лидер на тимот за локален економски развој на УСАИД. „Благодарение на УСАИД, општините ќе можат подготвени да го пречекаат моментот кога целосно ќе им биде отстапено градежното земјиште. Во моментов најголемиот проблем се поделените надлежности. Ако од 1-ви јануари целосно ни се препушти нам на општините тој процес на менаџирање со градежното земјиште, проблемите ќе ги детектираме и ќе ги решаваме самите. Кога ќе ги добиеме тие надлежности ќе нема никаква алиби ситуација за општините. Тогаш ќе мораме да се организираме самите и во што е можно пократок рок и поефикасно да ги даваме тие услуги кон инвеститорите“. Рече градоначалникот Горан Петров. За   Јован Ѓоргиоски, градоначалник на Општина Сопиште, во помалите општини  се очекуваат проблеми во недостигот на кадри кои можат да се решат преку меѓуопштинска соработка и обезбедување услуги од поголемите општини. Градоначалникот на Општина Студеничани, Фати Исени смета дека градежното земјиште ќе биде голем стимулатор на економскиот развој на сите општини.

Интерес за инвестирање во општините има и од домашни и од странски инвеститори. Останува да се поедностават процедурите и да им се овозможи на инвеститорите што побрзо да ги завршат административните обврски. Софтверот подготвен во рамките на проектот на УСАИД е првиот конкретен чекор на терен во подготовките за 2011 година. Во периодот што следи софтверот ќе се усогласи и со законската регулатива и со специфичните потреби на општините за обезбедување на брзи и ефикасни услуги за инвеститорите и динамичен локален економски развој.