Велофест во Велес

ВелофестВо рамките на манифестацијата „Велофест“ - прв креативен велосипедски фестивал во Македонија, во организација на Велосипедската федерација на Македонија и  Младинскиот велосипедски клуб – Велес, на 15-ти април, во Ликовниот салон беше отворена изложба. Во присуство на Симоне Филипини, Амбасадорка на Кралството Холандија и Франк Штосел, Аташе за култура при Амбасадата на Сојузна Република Германија, изложбата ја отвори Градоначалникот Горан Петров кој ја нагласи потребата од поттикнување на велосипедизмот во Велес. 

„Велес како град  долго страдаше од загадување. Ова нека биде израз на нашата желба за живот во здрава животна средина“ рече Градоначалникот кој напомена дека Општина Велес веќе работи на создавање на подобри услови за велосипедистите во крајбрежниот појас на езерото Младост. Амбасадорката Филипини пред присутните ги презентираше добрите практики на возење на велосипед во Холандија што започнуваат во детството. „Јас и денес практикувам да одам на работа со велосипед“, рече Амбасадорката која изрази задоволство од зголемувањето на бројот на граѓани во Македонија кои секојдневно користат велосипед како здрав  начин на живот. Франк Штосел познат во јавноста што на своето  работно како аташе за култура во Германската Амбасада во Скопје допатува со велосипед, ги презентираше придобивките од велосипедизмот.

„Можноста да се видат и доживеат различни земји и различни луѓе, да се биде во допир со природата е она што ме натера од Берлин до Скопје да дојдам со велосипед“, рече Штосел. За Велофест како прва манифестација од ваков вид што се одвива во повеќе градови во Македонија, говореше Бојан Ранташа, координатор на Велофест. Присутните на изложбата имаа можност да видат документарни филмови посветени на велосипедизмот во Македонија и Сојузна Република Германија како и фотографии посветени на велосипедизмот како спорт, начин на рекреација и здраво превозно средство. Во рамките на настанот, присутните имаа можност и да земат учество во хуманитарна акција за децата при Одделението за интензивна нега на Клиниката за детска хирургија.