Сомбор нов пријател на Велес
На 22-рата седница, одржана на 20-ти април годинава, Советот на Општина Велес донесе одлука за збратимување со градот Сомбор, Војводина, Република Србија. Одлуката е донесена на предлог на Градоначалникот по иницијатива на велешанката примариус д-р Лилјана Со колова Џокиќ. По доставувањето на одлуката до Сомбор, и донесувањето на одлука за збратимување од страна на Советот на Општина Сомбор, градоначалниците на двете општини ќе ја потпишат Европската заклетва за збратимување. Сомбор е прекрасен град на тромеѓето помеѓу Србија, Хрватска и Унгарија препознатлив по зеленилото и зачуваното архитектонско наследство. Сомбор е посветен на динамичниот економски развој преку развојот на индустриските зони. Градот има долга културна и духовна историја и негови препознатливи културни белези се литературата и театарот.