Промовиран романот првенец на Димитри Соле Љубин
На 24 април годинава, Ликовниот салон беше претесен за љубителите на пишаниот збор кои присуствуваа на раѓањето на ново литературно дело во Велес. „Нож и пердув“, романот првенец на велешанецот Димитри Соле Љубин за првпат беше претставен пред велешките читатели. Животната приказна блиска до сите што го споделуваат духовното и реалното на македонскиот ентитет во поширок балкански контекст, љубовта, пријателството и големите нешта под површината на едноставноста се дел од романот што за издавачот „Антолог“ е уникатно освежување во македонската литература. Романот е објавен благодарение на поддршката на група пријатели на Велес и Македонија од регионот Алзас, Република Франција што овозможи зајакнување на билатералната соработка на индивидуален и културен план.
Промоцијата на романот ја поддржа Општина Велес. За „Нож и пердув“ говореше Лилјана Узуновиќ, професор на филолошкиот факултет – Скопје која нагласи дека книгата кај неа разбудила нежност и младешка носталгичност и дека е приказна за луѓе „што не ги збира на едно место“. За симболошките аспекти на романот низ кој ножот и пердувот провејуваат како лајтмотив на приказната говореше м-р Мирјана Недева за која ножот и пердувот во романот ја отсликуваат играта на моќта на острината и нежноста истовремено. „Љубовта вреска на секоја страница на овој роман“, рече Весна Апасиева како еден од промоторите што романот го доживеа како силна слика на универзалната љубов. Авторот Димитар Коцев кој твори под псевдонимот Димитри Соле Љубин самиот прочита извадоци од делото што го нарече „Вазна за секоја душа“. На промоцијата присуствуваа и пријателите од Алзас, Франција. Промоцијата со грст емоции ја зачини и пијанистот Антоније Арангеловиќ. Ова е второ дело на Димитри Соле Љубин кој пред 6 години се претстави пред читателската публика со збирката поезија „Соларни Симболи“. На 6–ти мај годинава, неговиот прв роман „Нож и пердув“ ќе биде промовиран и во Скопје.