107 години од саможртвата на Гемиџиите

На 27 април, Општина Велес одбележа 107 години од солунските атентати и обидот на Гемиџиите да го свртат вниманието на Европската јавност кон тегобната состојба на македонскиот народ. 12-мината млади револуционери водени со идејата дека индивидуалните акции ќе вродат со плод во намерата да се допре до свеста на Европа, на 28 април 1907 година го запалија францускиот брод „Гвадалкивир“ во солунското пристаниште и во наредните неколку дена изведоа диверзантски акции на повеќе објекти во Солун меѓу кои и Отоманската Банка. Чинот на Гемиџиите наиде на силен оддек во европската и светската јавност. Гемиџиите го положија својот живот за татковината и го отворија македонското прашање на страниците на европската историја.

Во нивна чест делегации на Општина Велес, Општинската организација на сојузот на борците, здруженија на граѓани , политички партии и поединци положија букети цвеќе пред паметникот на Гемиџиите на кејот на Вардар. „ Историјата не памети  таков херојски чекор на саможртва.  Нивниот подвиг  многу помогна во тоа време Европа да го сврти вниманието кон Македонија“ изјави  за медиумите Градоначалникот Горан Петров. Во рамките на одбележувањето на 107 годишнината од солунските атентати, делегациите положија цвеќе и на гробовите  на најмладиот Гемиџија, Милан Арсов и војводата Јован Наумов-Алабакот, во село Ораовец.