Регионот во акција - Современи модели на управување со комуналниот отпад
Со грант од над 122.000 евра, Вардарскиот плански регион ќе изработи пре-физибилити студија за управување со отпад во регионот. За изработка на студијата е ангажирана австриската фирма АСА чии претставници, на 27 април во Велес ги презентираа клучните аспекти на проектот за изработка на потребната студија за управување со отпад. Сабине Киц, претставник на АСА изјави дека во оваа фаза е рано да се има целата финансиска конструкција, но вообичаено регионалните депонии чинат помеѓу 2 и 3 милиони евра за регион со околу 200.000 жители. Таа изрази задоволство од можноста да биде во Велес и да учествува во стартот на активностите за модернизација на управувањето со комуналниот отпад во Вардарскиот плански регион.
За Градоначалникот Горан Петров кој е претседател на Советот за развој на Вардарскиот плански регион , значајно е што градоначалниците членови на Советот веќе подолго време дискутираат околу изборот на најсоодветна локација за регионална депонија. „ Во реализацијата на овој прв чекор кој можеби е најтежок, оние локации кои ќе бидат предложени не смеат да добијат никаков призвук. Овде нема да се работи ниту за политичка одлука ниту за нешто што нема да се базира на стручност. Со оваа студија ние ќе добиеме локација што ќе биде предложена по сите параметри и стандарди за управување со комунален отпад“., рече Петров. Александар Бузалков, раководител на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион оцени дека во оваа фаза е мошне значајна поддршката од Австрија и компанијата АСА, затоа што процесот на подготовка на потребната техничка документација е основата за изградба на депонија по сите стандарди за управување и рециклирање на отпадот кои се применуваат во Европа и светот. Се очекува изработката на пре-физибилити студијата да заврши за 6 месеци, по што ќе уследат тендерски постапки. За изградба на депонијата би биле потребни дополнителни 6 до 8 месеци. Општините членки на регионот ќе треба заеднички да одлучат и за моделот на собирање и транспорт на отпадот до регионалната депонија. Ова е еден од клучните проекти за развој на Вардарскиот плански регион и претставува предизвик за сите девет општини во регионот. На презентацијата на проектот која уследи по редовната седница на Советот за развој на Вардарскиот плански регион присуствуваа и општинските инспектори за животна средина, лица одговорни за локален економски развој, комуналните одделенија како и претставници на јавните комунални претпријатија.