Словенечки Туш со нова инвестиција во Велес
На 28 ми април годинава, словенечката компанија „Туш“ отвори нов трговски објект во Велес. Трговскиот центар кој се наоѓа во близина на бензинската станица на „Брако Петрол“ е со површина од 2.700 м2. Опфаќа супермаркет, аптека, продавница за бела техника, игротека и кафуле. Објектот има сопствен паркинг простор со 80 паркинг места. Директорот на „Туш“ Македонија Јернеј Мурн го презентираше објектот како значајна инвестиција на компанијата во насока на целта во Македонија да воспостават успешно и силно претпријатие.
Во името на граѓаните, за одлуката на „Туш“ да инвестира во Велес се заблагодари Градоначалникот Горан Петров кој оцени дека ваков репрезентативен објект е пример за успешен бизнис за сите оние што се занимаваат со трговија. Инвестицијата на „Туш“ создаде 35 нови работни места, а директорот Мурн најави можности и за нови вработувања. Свеченото отварање беше збогатено со настапот на Влатко Лозановски. Отворањето на трговскиот центар „Туш“ предизвика голем интерес кај велешани. Објектот ќе биде отворен секој работен ден од 8-22 часот, а во недела до 17 часот.