За првпат во Македонија - Презентиран словенечкиот модел на образование на иднината
Општина Велес беше домаќин на првата презентација на Моделот за образование на иднината што веќе 4 години во Република Словенија го спроведува Словенечкиот институт за квалитет и метрологија со седиште во Љубљана. На презентацијата што на 28 април се одржа во големата сала на Општина Велес присуствуваше Јернеј Товшак, Аташе за економија при Амбасадата на Република Словенија, претставници на Бирото за развој на образованието, ЗЕЛС, голем број општини од Македонија, директори на образовни институции, наставници и професори. Градоначалникот Горан Петров во своето поздравно обраќање го нагласи значењето на управувањето со квалитет во сферата на образованието: „ Без добро организиран, креативен образовен систем со способни кадри и добар менаџмент нема да имаме ниту идни генерации способни да го носат развојот на своите општини“, рече меѓу другото Петров.
Тој ги пренесе и позитивните искуства од воспоставувањето на системот за управување со квалитет во Општина Велес. Пред присутните работата на Словенечкиот институт за квалитет и метрологија ја претстави Соња Заврл, директор за областа образование при институтот која нагласи дека во Словенија и други земји во регионот веќе воспоставиле систем за управување со квалитет во над 1000 организации и институции. Институтот реализира проекти и во Б и Х, Јапонија и други земји. М-р Татјана Жагар, раководител на проектот „Квалитет за иднина на воспитувањето и образованието“ го претстави моделот што институтот пред 4 години го воспостави во Словенија . Денес овој модел го воспоставиле 20% од образовните институции во Словенија меѓу кои градинки, основни и средни училишта. Моделот кој овозможува постојано подобрување на работата на образовните институции, квалитетот на знаењето на учениците и мерење на постигнувањата предизвика голем интерес кај присутните во салата. Презентацијата во Велес беше прво претставување на модел за управување со квалитет во сферата на образованието во Македонија.