Велес го одбележа Денот на Европа

По повод 9 - ти Мај, Денот на Европа, ЕУ инфо точката при Општина Велес со поддршка на  ЕУ Инфо центарот - Скопје организираше масовен ревијален настан во Младинскиот парк. На манифестацијата, присутните ги поздрави  Градоначалникот Горан Петров  кој ја нагласи улогата на секој поединец во евроинтеграциите: „Велес и досега покажа дека умее да се носи со најголемите европски предизвици и да го достигне нивото на развој на општините во Европа. Ова е почетокот. За да умееме, за да можеме максимално да ги искористиме потенцијалите што  ни се дадени како земја кандидат, а верувам наскоро и земја членка на Европската Унија, неопходно е уште повеќе да работиме на препознавање на сопствените потенцијали и да откриме што е она што секој од нас може да го направи за влез во европското семејство“, рече Петров.

На манифестацијата учествуваа ученици од  општинските  основни училишта „Св Кирил и Методиј“, „Блаже Конески“, „Рајко Жинзифов“ и „Благој Кирков“ кои на штандови  ги презентираа земјите членки на Европската Унија - Романија, Бугарија, Германија и Полска. Покрај сончевиот ден, пријатно доживување за присутните во Младинскиот парк беше настапот на  македонската поп ѕвезда Влатко Илиевски.