Продолжува Операција Флоријан

Со нови активности за обуки и работилница  за командирите на Територијалните противпожарни единици во Република Македонија  што на 11 мај годинава се одржа во Општина Велес, Операција Флоријан од Обединетото Кралство ги продолжи активностите за зајакнување на капацитетите на македонските противпожарни служби. И овојпат Флоријан дообезбеди донација за 5 општини во Македонија. Оваа организација досега донираше вкупно 15 специјализирани возила и дополнителна опрема: скали за гаснење на пожари во урбана средина, опрема за спасување при сообраќајни несреќи, компресор за полнење на апарати за дишење и друго.

На работилницата во Велес присуствуваше Ендрју Ки, Амбасадор на Обединетото Кралство во Република Македонија кој ја изрази својата поддршка за проектот. „Неверојатно сум воодушевен од лидерството и посветеноста кои ги забележав на сите нивоа-од страна на македонските служби и од страна на Операцијата Флоријан. Драго ми е што инвестирате во утрешните лидери истовремено поддржувајќи ги денешните“, рече меѓу другото Амбасадорот Ки. Во своето поздравно обраќање, Градоначалникот Горан Петров го нагласи значењето на проектот:

„Зајакнувањето на јавната безбедност, поттикнувањето на учеството на граѓаните во превенцијата и нивната способност да реагираат соодветно во случај на пожар е голем придонес во развојот на локалната заедница“, рече Петров . Стив Џордан, координатор на активностите на Флоријан во Македонија ја нагласи улогата на командирите на територијалните противпожарни единици во организацијата и квалитетот на противпожарната заштита „Командирите треба да сватат дека се носители на квалитетот на противпожарната заштита во локалната заедница“, нагласи Џордан. Третата фаза од проектот Флоријан продолжи со обуката на обучувачи од Територијалните противпожарни единици во Велес, Свети Николе, Кратово, Радовиш и Крива Паланка. До крајот на мај претстојат активности за обука на пожарникарите на планот на едукацијата и зајакнувањето на јавната свест како и организација на активности за одбележување на 20-ти Мај, Денот на пожарникарите.