Ансамблот Керамичар на меѓународна сцена
На покана на Габи Јонаску, Градоначалник на збратимениот град Слобозија, Република Романија Велешкиот Фолклорен ансамбл „Керамичар“ заедно со официјална делегација на Општина Велес ќе учествува на традиционалниот Интернационален фолклорен фестивал „Цвеќињата на Бараган“. Од 13 до 16 мај годинава „Керамичар“ ќе биде културниот амбасадор на Велес на еден од најзначајните фолклорни фестивали во регионот. Интензивната меѓународна активност за Керамичар започна во април годинава со учеството на Интернационалниот детски фолклорен фестивал во градот Чан, Република Турција кој се одржува по повод Денот на детето и Денот на националниот суверенитет во Република Турција.
„Ова е одлична можност за проширување на меѓународната соработка, размена на култури и идеи како и можност за зајакнување на квалитетот на нашиот Интернационален фолклорен фестивал „Велес“ кој верувам во јули годинава ќе се збогати со настапот на нашите постоечки и нови пријатели“, рече Томе Јаневски, претседател на Ансамблот „Керамичар“. Интензивната меѓународна соработка на планот на културата во изминатиов период отвори и можности за соработка во сите области од животот во градовите со кои Велес е пријател и имаат статус на збратимени градови.