Одбележан Денот на пожарникарството

Со пригодна свеченост во седиштето на Територијалната противпожарна единица – Велес, беше одбележан 20-ти Мај, Денот на пожарникарството во Македонија. По традиционалната смотра и поздравот со пожарникарите, Градоначалникот Горан Петров ги презентираше придобивките од децентрализацијата на планот на противпожарната заштита. „На стартот на децентрализацијата, пред 5 години Територијалната противпожарна единица - Велес располагаше со три функционални противпожарни возила, а дотраената опрема не овозможуваше максимална ефикасност на единицата. Денес бројот на противпожарни возила е двојно зголемен.

Со шест противпожарни возила, 2 теренски и мини комбе за транспорт на апарати за дишење, Територијалната противпожарна единица има многу подобри услови за работа.“, рече Петров. Непосредно пред одбележувањето на празникот, ТППЕ-Велес од Владата на Република Македонија и Дирекцијата за заштита и спасување доби ново противпожарно возило во вредност од 160.000 евра за што Градоначалникот упати јавна благодарност.  Ан Дарби, координатор на едукативните активности на Операција Флоријан од Обединетото Кралство ја нагласи потребата од едукација на децата и младите во заштитата и превенцијата од пожари и сообраќајни несреќи. Гостите присутни на одбележувањето имаа можност да видат демонстрација на едукативни содржини за деца од предучилишна возраст како и демонстрација на спасување во случај на сообраќајна несреќа. Особено внимание кај присутните предизвика учеството на децата од градинката „Димче Мирчев“ кои со свој настап го збогатија одбележувањето на Денот на пожарникарите во Велес.