Одржан спортскиот ден „ВЕЛЕС 2010“
Во саботата, во организација на Општина Велес, Сојузот на училишен спорт, Здружението на спортските педагози и Општинската организација на Црвениот крст, во нашиот град, по втор пат се одржа отворениот спортски ден за сите граѓани Спортски ден „Велес 2010“. Голем број на граѓани од сите возрасти од обата пола ја искористија оваа можност и тие овој ден да спортуваат. Понудените спортски содржини ( во 18 спортови и спортски вештини) ги задоволија потребите на децата, младината и граѓаните. Голем број од нив се дружеа, рекреираа и спортуваа. Како по обичај најголем интерес имаше за малиот фудбал, баскетот, пикадото.
Посебен интерес предизвика шахот, бидеејќи многу од граѓаните сакаа да си ги проверат своите шаховски квалитети играјќи против најдобриот шаховски велемајстор во Македонија Трајче Недев, кој беше наш гостин и кој одигра симултанка со граѓаните на Велес. Честа да ремизираат со велемајсторот ја имаа Мартина Мартинова и Хранислав Велков, додека сите други претрпеа порази.
За прв пат беа внесени и нови содржини како играње тенис, играње ножен тенис а за најмладите деца, во младинскиот парк беше организирано возење на количиња и спретно возење на велосипед, проследено со музички хепиенд.
Манифестацијата за отворена ја прогласи заменик Претседателот на Советот на Општина Велес Господинот Петре Саздов, кој заедно со своите гости ги прошетаа сите борилишта каде се одржуваа натпреварите и со учесниците се задржаа во краток разговор.
Манифестацијата имаше и хуманитарен карактер. Голем број од учесниците како и посетителите го дадоа својот доброволен паричен надоместок кој че биде ставен во функција за децата со посебни потреби како и децата без родителска грижа сместени во згрижувачки семејства.